Деловни активности
Тетекс е формиран 1951 година, започнувајќи со производство на волнени предива, а потоа компанијата се развива со активирање на производство на ткаенини и ќебиња, и понатаму, со конфекциски и трикотажни одевни предмети.
Тетекс делуваше како интегриран производител на текстил и облека од волнен тип, со вертикално поврзани производни фабрики:
• Фабрика за производство на предива и волници (Тетекс Јарн ДОО од 2007)
• Фабрика за производство на ткаенини и ќебиња
• Фабрика Конфекција за производство на конфекциски одевни предмети
• Фабрика Трикотажа за производство на трикотажни одевни предмети
Тетекс произведуваше годишно 2.800 тони предива, 500.000 метри ткаенини, 600.000 парчиња конфекциски и 500.000 парчиња трикотажни одевни предмети.
Тетекс беше еден од најголемите снабдувачи на Југословенскиот пазар и тоа со ткаенини, волници за рачно плетење, ткаенини, ќебиња, машки одела, женски костими, машки и женски капути и јакни, џемпери, пуловери, трикотажни сетови, понатаму во наменскиот програм униформи, џемпери, ќебиња и други предмети за армија, полиција, пожарникари и тн.
Главни извозни пазари беа Европа (Германија, Италија, Велика Британија, Данска, Грција, Аустрија, Словенија, Хрватска, Бугарија) и САД.
Со пробивот на Кина и другите земји од далечниот исток во светското производство, се стеснуваше просторот на европските текстилци на пазарот, па и покрај огромните усилби да се “одржи“ што подолго, конечно Тетекс престана со производството на текстил на 10.02.2020 година.
Уште од самиот почеток на “префрлањето“ на производството на текстил во Кина, менаџментот на Тетекс АД сериозно пристапи на барање начини како да се соочи со “опасноста“ која се заканува и неминовно ќе дојде. Во таа насока се направија повеќе обиди за инвестирање во разни деловни активности надвор од текстилот, од кои некои беа повеќе ,а некои помалку успешни. Од тие успешните кои и денес успешно функционираат ќе ги наведеме Индустрискиот парк и Царинскиот Терминал, но убедливо најзначајна и визионерска инвестиција беше формирањето на ТЕТЕКС БАНКА, која по неколку додатни инвестирања и мерџувања со Тетовска Банка и Кредитна Банка Битола прерасна во ТТК БАНКА АД, во која Тетекс АД е најголем акционер.
Со ваквите визионерски и стратешки одлуки, менаџментот на Тетекс, предводени од генералниот Директор М-р ГЛИГОРИЕ ГОГОВСКИ, обезбеди долгорочна и успешна иднина на компанијата ТЕТЕКС АД Тетово.