Историја
Текстилниот гигант, Волнарскиот комбинат "ТОДОР ЦИПОВСКИ - МЕРЏАН" ТЕТЕКС АД - Тетово со ткаењето на приказната за неговиот успех и традицијата долга повеќе од пет децении, започна на 25 мај 1951 година, со пуштањето во погон на Предилницата за волнена преѓа.
Тетово, градот под Шар Планина, бистра и богата со пасишта, е местото во кое е започната големата легенда - Тетекс.
Дамнешната слика на валање волна од шарпланинските овци по долината на реката Пена и сеќавањето на предците кои ја пределе волната на вретено се претопила во сликата на вретената на индустриска предилница, низ која потекло предиво од природна рунска волна.
Во ТЕТЕКС, најголемиот македонски текстилен производител, дејствуваа четири големи фабрики. Ф-ка Предиво и волница (од 2007 функционира како мешовита фирма на Тетекс АД и Норвешки партнери), потоа Ф-ка Ткаенини од која потекле првите метри сурова ткаенина во 1954 година, денес реномиран производител на модни ткаенини и ќебиња. Идејата за можноста ТЕТЕКС да ги преработува своите ткаенини се остварила со пуштањето во погон на Ф-ката Конфекција во 1963 година, а потребата за трикотажна облека, резултирала со почетокот на работа на Ф-ката Трикотажа во 1968 година. Тука е и трговската мрежа со 50-тина продавници низ земјата.
Во 1991 година, започнува трансформацијата на ТЕТЕКС од општествено претпријатие во приватно акционерско друштво. ТЕТЕКС АД Тетово денес е 100% приватизирано и котира на Македонската берза.
Како што стопанството во Република Македонија се ориентирало кон пазарната економија така и Тетекс го гледал предизвикот за своето опстојување и развој, трансформирајќи се и приспособувајќи се на новите пазарни услови. Надминувајќи ги објективните тешкотиите и пречки на тој пат ТЕТЕКС продолжува и опстојува понатаму…